Камен-темелник за нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“

Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска поставија камен-темелник за изградба на нова спортска сала во основното училиште „Григор Прличев“ во населбата Железара.

Премиерот Мицкоски им честиташе на градоначалникот, на советниците, на општинската администрација, на пратениците и на Министерството за образование и наука за нивната посветеност во реализацијата на проектите, нагласувајќи дека тие имаат значајна улога во развојот на децата и во унапредувањето на образовниот процес.

„Очекувам уште многу вакви проекти кои во периодот што следи ќе бидат реализирани. Да го испорачаме она коешто сме го ветувале. Тоа е суштината на политичарите“, истакна Мицкоски.

Погледнете фотогалерија од настанот.

Јаневска: Инвестициите во инфраструктура се инвестиции во квалитетно образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека образовната инфраструктура е еден од клучните предуслови за подигнување на квалитетот на образованието, но и за психичкиот и физичкиот развој на учениците.

Таа информираше дека Владата, заедно со општините и Министерството, минатата година инвестирала 67 милиони евра во инфраструктурни објекти, додека годинава започнува реализација на 160 нови инфраструктурни проекти. Од нив, 60 се спортски сали, при што 30 се во фаза на реновирање, а се започнува и изградба на уште 30 нови спортски сали, меѓу кои е и салата во ООУ „Григор Прличев“.

Инвестиции и во локалната инфраструктура на Гази Баба

Градоначалникот Бобан Стефковски нагласи дека со денешниот настан се испраќа силна порака дека инвестициите во Општина Гази Баба продолжуваат со засилено темпо и со конкретни резултати на терен.

Тој информираше дека вкупната вредност на проектот за спортската сала изнесува 39 милиони денари, при што денеска започнала реализацијата на првата фаза со договор вреден 20 милиони денари. Спортската сала ќе има површина од 650 метри квадратни и ќе биде опремена со сите придружни содржини за современи услови за спорт и рекреација.

Стефковски додаде дека претходно бил извршен увид и во реконструкцијата на улицата „Петре Филиповски Гарката“ во населбата Триангла, проект вреден околу осум милиони денари, кој опфаќа целосна реконструкција на коловозот во должина од 603 метри. Тој потенцираше дека во Гази Баба паралелно се реализираат и други проекти, меѓу кои нови градинки, спортска сала во Црешево, Домот на култура „11 Октомври“ – Ченто, ново основно училиште „Крсте Мисирков“ и низа други инфраструктурни зафати.