Во продолжение е обраќањето на претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски на денешното поставување на камен темелник на ветерниот парк на „Алказар Енерџи“:

„Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на компанијата „Алказар Енерџи“,

Драги пријатели, инвеститори и партнери,

Во принцип имам убав говор којшто ми е напишан, но генерално работите коишто требаше во овој говор да ги кажам е веќе кажано од страна на Даниел, сопственикот на оваа инвестиција, така што ќе биде тривијално јас да се повторувам.

Ќе кажам нешто коешто мислам дека е добро да се каже и за државата, но и за плановите коишто како Влада ги имаме и нормално на крај ќе го оставам оној куртоазниот дел за да се заблагодарам на сите оние коишто помогнаа да ние денеска можеме да бидеме овдека присутни и да ја поставиме можеби за првпат еден ваков чин, така наречената временска капсула, до сега тоа не било вообичаено кај нас и на овие простори.

За мене е исклучително пријатно чувството денеска бидејќи после нешто повеќе од една година, тоа што тогаш го ветивме, заедно со компанијата и инвеститор, денеска добива некаква завршница, завршница на оваа прва фаза. Тоа беше практично вториот ден од изборот на тогашната нова Влада кога заедно со Даниел и со неговите соработници најавивме инвестиција во делот на обновливата енергија во вредност од половина милијарда долари, којашто ќе произведува отприлика 1Tw електрична енергија годишно и дека тоа ќе биде инвестиција којашто ќе биде практично драјвер и модел како треба во иднина да се движиме. Таков беше почетокот, а крајот на годината беше историски за нас како држава, бидејќи за прв пат ја надминавме бројката од една милијарда евра странски директни инвестиции, дојдовме до бројка од 1.255.000.000 евра директни странски инвестиции во таа 2024 година, што за нас претставуваше пријатно изненадување, но и потврда дека се движиме во правилна насока, а тоа беше еден од оние почетни индикатори, бидејќи работите не доаѓаат веднаш и не доаѓаат бргу. Ќе треба малку повеќе време за да се почувствуваат, но добро е кога првичните индикатори се добри.

Работевме оваа година дена заедно со „Алказар Енерџи“ за да крајот на јуни го направиме овој настан којшто го правиме денеска на 16 јули, јас на почеток кога се сретнавме со Даниел се извинив затоа што три недели доцниме, но мислам дека тука доцнењето е заедничко и како што кажа Даниел во неговиот говор дисциплината е секогаш најважна. Ако нема дисциплина и јасна поставена структура на еден проект, нема ништо. Тогаш ќе почне да ви се распаѓа сето она коешто го градите и на крајот нема да стигнете до посакуваната цел, а нашата посакувана цел беше денешниот камен темелник. Имаме уште многу идеи како оваа инвестиција може да додаде уште поголема вредност и да биде уште позначајна и за компанијата инвеститор и за нас како држава, но тоа ќе го разговараме во некоја следна фаза.

Би сакал исто така да споменам дека како Влада сме сериозно посветени на економијата, бидејќи силно веруваме дека имаме огромен потенцијал и тој потенцијал коишто го имаме и како Влада и како човечкиот потенцијал со којшто располага државата може да не одведе со гигантски чекори напред и тоа го правиме и такви се првичните индикатори од оваа година, за нас гигантски, за разлика од чекорењето наназад изминативе седум години, резултатите и индикаторите на почетокот на оваа година, првиот квартал, првите 5 месеци па би рекол и првите 2 квартали односно првата половина од годината чекориме со гигантски чекори напред.

Во која смисла?

Денеска да речеме во разговор со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, добив една информација којашто мене лично ме направи исто така многу горд и среќен, а тоа е дека во првите 5 месеци во годината извозот на земјоделски производи е за 57% поголем од истиот период минатата година. Значи не 5, не 7, не 10 туку 57% извозот на земјоделски производи е поголем во првите 5 месеци од оваа година споредено со минатата година истиот период.

Исто така читајќи ги порталите ми пролета една вест утрово дека Обединетите нации и нивната канцеларија за туризам ја вметнала Македонија како осма дестинација за туризам во светот со раст на туристи од 22% во првиот квартал оваа година споредено со првиот квартал минатата година. Тоа е гигантски чекор напред, 22% повеќе туристи во првиот квартал оваа година споредено со првиот квартал минатата година.

Кога кажавме дека БДП на реална основа во првиот квартал пораснал за 3,2% споредено со истиот период од минатата година и кога споменавме дека тоа претставува четврти резултат во Европа, веднаш позади Ирска, Данска и Полска, многумина не исмејуваа, но сега можам да најавам дека во вториот квартал ќе имаме уште подобар резултат имајќи ги предвид овие индикатори дека ќе се движиме помеѓу 4 и 6%, тоа претставува гигантски чекор, бидејќи првите индикатори во првите 2 месеци од вториот квартал, а тоа се април и мај се огромни. Тука би го споменал растот на индустриското производство во месец мај од точно 9,4%, историски раст на индустриското производство во месец мај.

Навикнати бевме на 7 години стагнација и не чекорење напред, ние денеска зборуваме за крупни чекори напред не назад. Така беше изминативе 7 години.

Останатите параметри коишто како Влада се случуваат во нашата економија се исто така гигантски, дали е тоа градежништвото, бројот на издадени дозволи или пак вредноста на објектите коишто ќе се градат ќе се мерат во 20,30,40, 60% повеќе споредено со истиот период минатата година. Сето ова го зборувам со една цел, а тоа е дека не може да имате силна економија и силни индикатори ако на одреден начин не сте ја повратиле довербата во инвеститорите, а довербата се враќа на два начини.

Првиот начин го спомена Даниел, а тоа е дисциплината во работењето, чесна работа и дисциплинирана работа и второ битна со криминалот и корупцијата и владеење на правото.

За првиот зборуваше Даниел, а јас вчера зборував за вториот кога ГРЕКО на јавна сцена кажа дека оваа Влада добива 5 кога станува збор за борбата против криминалот и корупцијата.

Замислете дочекавме како Влада во Македонија да добиваме 5 на отворена сцена од реномирани меѓународни институции како што е ГРЕКО којашто е дел од Советот на Европа и тоа заслужува аплауз.

Нема да должам повеќе имајќи предвид дека имаме уште еден дел, а тоа е камен темелникот и онаа временска капсула. Јас уште еднаш сакам на сите коишто беа вклучени во проектот, членовите на Владата, луѓето од тимот на „Алказар Енерџи“, општините Штип, Радовиш, Карбинци, институциите владини коишто помогнаа да се реализира овој проект, моите драги колеги од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ коишто учествуваа во изработката и проектирањето на огромен дел од ова што денеска ние го започнуваме така што имаме би рекол направен во Македонија производ целосен, од проектирање до изведба.

Да се заблагодарам до граѓаните што имаат трпение, на сите оние коишто одделија дел од својот живот за да се посветат на овој проект и конечно на крај да му се заблагодарам на Даниел што не препозна како дестинација којашто ќе биде дом на инвестицијата на „Алказар Енерџи“, јас од мое име и од името на Владата и од името на сите институции коишто се дел од Владата можам да кажам дека продолжуваме заедно за сето она коешто тие мислат дека ние можеме да бидеме од помош, стоиме на располагање.

Уште еднашка, нека ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции.

Ви благодарам.“