Мицкоски и Тошковски по 15 години го обновија возниот парк на полицијата

Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Владата Христијан Мицкоски присуствуваа на промоција на 120 нови службени возила за потребите на македонската полиција, како дел од континуираните активности за јакнење на материјално-техничките капацитети на Министерство за внатрешни работи.

Распределба низ државата и поголема ефикасност

Новите возила ќе бидат распоредени во полициските организациски единици низ целата држава и, како што беше истакнато, ќе овозможат поефикасно извршување на секојдневните полициски задачи, побрзи интервенции на терен и засилено присуство на полицијата таму каде што граѓаните имаат најголема потреба од безбедност.

Прва набавка по 15 години – модерна опрема и технологија

Министерот Тошковски нагласи дека ова е прва набавка на полициски возила по цели 15 години и дека станува збор за современи и моќни возила со кои значително ќе се подобрат условите за работа на полициските службеници. Тој посочи дека сите возила ќе бидат опремени со најсовремени „Тетра“ системи, кои ќе овозможат проверки на евиденции, анализи на податоци и користење на сите неопходни информации директно на лице место, на ниво споредливо со другите европски држави.

Погледнете ја фотогалеријата:

Инвестиција во безбедноста и достоинството на полицаецот

Тошковски информираше дека вредноста на набавката изнесува 202.600.000 денари, при што се заштедени над 30 милиони денари, кои ќе бидат наменети за дополнителна опрема за полициските службеници. Возилата имаат и обезбедена петгодишна гаранција со редовен сервис, што дополнително ќе ги намали трошоците за одржување. На крајот, тој се заблагодари на сите вклучени во проектот, вклучително и на премиерот Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, како и на раководството и тимовите во министерството, истакнувајќи дека силна полиција значи стабилна и сигурна држава.

Премиерот Мицкоски ја поздрави реализацијата на проектот, нагласувајќи дека Владата останува посветена на унапредување на капацитетите на институциите и дека безбедноста на граѓаните, борбата против криминалот и корупцијата се врвен приоритет. Од МВР додаваат дека оваа набавка е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа обновување на опремата, дигитализација, унапредување на обуките и системски реформи.