Главниот град е закопан во ѓубре, а никој не презема ништо. Контејнерите се преполни, има ужасна миризба на сите страни. Четврти ден вработените на Комунална хигиена штрајкуваат и не го собираат сметот по одлуката на директорката Косана Мазнева Николиќ да не го продолжи договорот на стотина вработени. Граѓаните револтирани, стравуваат од болести од насобраното ѓубре на +35 степени.
Мазнева Николиќ денеска молчи, нема конкретен став дали и како градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска ќе го решат проблемот и ќе го исчистат ѓубрето во градот со кој раководат. Арсовска само ни кажа кусо дека ја поддржува Мазнева.
– Целосна поддршка за директорката која сака да стави ред, нема повеќе плата од народни пари за неработниците, истото е став на градот од прв ден, мора да се расчисти со тие што не си ги вршат обврските или што воопшто не одат на работа, а земаат плата. Партиски војници што мислат дека со закани и уцени ќе продолжат со прекршување на законите, треба да знаат дека нема да бидат повеќе толерирани. – вели Арсовска
И додека Град Скопје и директорката на Комунална Хигиена молчат, а ѓубрето се шири наоколу, претседателот на синдикатот при комунална Дели Дардишта за ТВ24 вели оти вработените нема да се откажат од протест, тие се револтирани, а директорката нема слух за нивните барања.
На социјалните мрежи пак врботените објавија снимка за која тврдат дека е разговор со директорката косана мазенава николиќ во која таа им се заканува со 200 откази
Градоначалниците од скопскиот плански регион пак откако два дена веќе ја повикуваат Арсовска да го реши проблемот, за утре најавија мобилизација. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски за ТВ 24 вели дека ќе бараат Арсовска да им ги предаде ингеренциите.
За СДСМ пак само еден виновник, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ пак пак велат решение да си најдат коалициските партнери Ковачевски и Арсовска.
– Скопје тоне во ѓубре, Ковачевски и Арсовска да се договорат да го исчистат исто како што се договараат за тендери. Како што беа сложни Ковачевски и Арсовска кога советниците на СДС и ги гласаа финансиските програми, така да бидат и сега и да го исчистат Скопје. – велат од ВМРО ДПМНЕ.
На синоќашниот протест пред Комунална, Мазнева потсети дека законите мора да важат за сите, но вети дека ќе им биде исплатено К-15 на вработените, а преговорите се очекува да продолжат до понеделник. До тогаш пак, проблемот со отпадот во центарот на Скопје и натаму останува секојдневие за граѓаните, а во меѓувреме и скопското обвинителство веќе дало насоки за проверка на состојбата во Комунална хигиена, а со цел да се испита дали постојат елементи на кривично дело, поради тоа што работата на претпријатието со денови е во застој.