Вчера на големиот национален празник, Илинден била исчкртана со спреј бистата на полицаецот Горан Стојменовиќ кој загина во Диво Насеље, којашто се наоѓа во Инџиково, од каде е тој.
Пречкртана била и плочата со неговото име и пораката „Хероите живеат вечно“.
Осквернавен е и комплексот во кој се наоѓа бистата и во кој има и 9-метарски крст, а оштетени се повеќе икони во овој парк посветен на загинатиот полицаец. Паркот се наоѓа во близина на месната заедница Питу Гули во Инџиково.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој објави слики од вандализираните споменици, го осуди овој чин и побара од Министерството за внатрешни работи да ги најде и казни сторителите.
-Ваквиот сторен чин на денешниот голем македонски празник Илинден и христијански празник Св. Илија претставува срамен и кукавички чин кој е за најостра осуда.
Како градоначалник на општина Гази Баба, барам итно и неодложно преземање на сите законски дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи и час поскоро сторителите на овој чин да бидат изведени пред лицето на правдата. На граѓаните сакам да им порачам да бидат спокојни.
И споменикот и иконите ќе ги обновиме, а традицијата на оддавање почит на херојот Горан Стојменовиќ, како и чествувањето на Соборот на 12те Апостоли во Инџиково ќе продолжи!, напиша тој на социјалните мрежи.