Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан за телевизијата Франс 5 изјави дека Франција не го прифаќа радикалното талибанско движење.
– Франција одбива да има какви било односи со оваа влада, рече Ле Дријан, нагласувајќи дека талибанците не ги исполнуваат своите ветувања.
Шефот на француската дипломатија потсети дека Франција побара од членовите на движењето да дозволат слободно заминување за сите што тоа го сакаат, да дозволат слободна испорака на хуманитарна помош, меѓу другото, во оние области кои не се под директна контрола на талибанците, потоа да ги почитуваат човековите права, особено правата на жените и правото на образование, и конечно, да одбијат каква било соработка со Ал Каеда.
– Во претходните денови рекоа дека ќе дозволат да заминат не само странци, туку и Авганистанци, ветија и инклузивна влада, но на крајот излажаа, заклучи Ле Дријан.