Франција денеска од Словенија го презема шестмесечното претседавање со Европската Унија. Официјален Париз најавува дека своето претседавање ќе го фокусира на прашањата за суверенитетот и градењето нов модел на економски раст, а како региони од посебно стратешко значење ги издвојува Западен Балкан, Африка и Индо-Пацификот.

Во својот говор по повод претстојното француско претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2022 година, претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја најави политиката на „повторно ангажирање и инвестирање“ на ЕУ во Западен Балкан и оцени дека политичката и економската работа во регионот, е работа на суверенитетот на цела Европа

„Западен Балкан е повеќе од соседство. Балканот е срцето на Европа“, рече Макрон.

Макрон, претставувајќи ги приоритетите на француското претседателство со ЕУ, изјави дека Западен Балкан повторно е исполнет со тензии. Тој посочи дека ЕУ има „посебна одговорност“ кога станува збор за овој регион и предупреди дека за 50 години нема да може да се зборува за „Европа на мирот“ доколку Западен Балкан „се остави во ситуацијата во која што е сега“.

Француските дипломати во Брисел оценуваат дека Макрон е „особено мотивиран“ и дека ќе го вложи „својот политички капитал во решавање на блокадата на Западен Балкан“.

Актуелната блокада на дијалогот меѓу Белград и Приштина тој ја гледа како еден од клучните проблеми во регионот и најавува дека ќе го продолжи процесот со новата влада во Берлин што претседателот Макрон и поранешната германска канцеларка Меркел го започнаа за да го олеснат дијалогот.

Покрај дијалогот меѓу Белград и Приштина, во плановите на француското претседателство со Советот на ЕУ е наведено дека ќе се работи на решавање на проблемите на линијата Софија-Скопје, како и на решавање на внатрешните проблеми во БиХ кои, според Париз, можат да доведат до дестабилизација на целиот регион. За таа цел, за време на француското претседателство, се најавува дека во мај ќе се организира конференција за Западен Балкан.

„Тоа нема да биде редовен самит на ЕУ на Западен Балкан, туку конференција на која ќе се занимаваме со конкретни проблеми во регионот“, велат француски дипломатски извори.