Лекувањата во странство, контролата на боледувањата и трошоците за ортопедски помагала ќе бидат трите главни приоритети на новото раководство на Фондот за здравствено осигурување, најави директорот Златко Перински.
На брифинг со новинарите, Перински се осврна на последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот во 2024 година и најави засилени проверки во областите што ревизорите ги посочиле како најризични.
Тој информираше дека ФЗО во изминатиот период исплатил околу 500 милиони денари, односно повеќе од осум милиони евра, за лекување пациенти во странство.
Во однос на боледувањата, Перински посочи дека Министерството за здравство и ФЗО веќе подготвиле предлози за измени, кои се доставени до лекарските комисии, Лекарската комора, Здружението на приватни лекари и Здружението на приватни гинеколози.
„Целта е системот на боледувања да биде поедноставен, побрз, потранспарентен и поотпорен на злоупотреби, истовремено обезбедувајќи соодветна заштита на работниците кои навистина имаат потреба од привремена спреченост за работа“, изјави Перински.
Тој нагласи дека Фондот ќе работи на поефикасно управување со средствата и на засилени контроли во областите што со години се издвојуваат како најпроблематични.
