Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, рече денеска поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан на чествувањето на 152 години од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делечев. Од државниот врв, почит на Делчев му одаде претседателот на државата Стево Пендаровски, а претседателот на Собранието Јован Митрески и техничкиот премиер Талат Џафери испратија свои претставници. Почит на македонскиот великан му одадоа и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.
Чествувањето почна со панихида со која чиноначалствуваше г.г. Стефан во сослужение на повеќемина свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
„Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољубци подготвени да ги бранат неговите аманети. Гоце и многубројните комити и борци сѐ дадоа за слобода на татковината, а што даваме ние. Љубовта кон татковината се потврдува само со дела, крајно време е да видиме дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со свето име“, истакна поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
Од државниот врв, почит на Делчев му одаде претседателот на државата Стево Пендаровски, а претседателот на Собранието Јован Митрески и техничкиот премиер Талат Џафери испратија свои претставници. Почит на македонскиот великан му одадоа и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.
Поради безбедносни протоколи, до приодот на црквата Св. Спас во Скопје поставени се два пункта за контрола од страна на МВР, едниот на крстосницата кај Меморијалниот центар на холокаустот и другиот кај Мустафа-пашината џамија.
Георги Делчев – Гоце, син на Султана и Никола Делчев, е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, детството го минал во родниот Кукуш, завршил Егзархиска Гимназија во Солун, а учел и на Военото училиште во Софија за што се здобил со свидетелство за завршен тригодишен курс на училиштето, но без право на офицерски чин. Кон крајот на 19. и почетокот на 20. век, тој бил учител во штипското село Ново Село, а како визионер е назначен за раководител на Македонската револуционерна организација-МРО каде бил приклучен од страна на Даме Груев. Делчев бил еден од основачите на четничкиот Институт на организацијата кој се состоел од инструктори за чети, агитациски чети, селска полиција и народна војска. Во тоа време, организацијата низ целата територија на етнографска Македонија формирала револуционерни окрузи. Пред избувнувањето на Илинденското востание, Делчев станал еден од главните поборници на идејата да не се крева избрзано востание во Македонија и да се чека поволен моменет за тоа. Гоце Делчев загина во судир со турската војска кај селото Баница, Серско, на 4 мај 1903 година. Коските на Гоце Делчев на 10 октомври 1946 година беа положени во црквата Св. Спас во Скопје и се сочувани како скапоцена реликвија на македонскиот народ.