Хемиската фабрика „Азот“ во Севернодоњецк, во која се сокриени неколку стотици цивили, останува под украинска контрола, изјави денеска гувернерот на регионот Луганск, Серхи Гајдај, откако извори од сепаратистите поддржани од Русија изјавија дека таму биле заробени околу 300 до 400 украински борци.

-Информациите за блокада на фабриката „Азот“ се лага, соопшти гувернерот на регионот, што делумно е контролиран од проруските сепаратисти.

-Нашите сили продолжуваат да ја држат индустриската зона на Севернодоњецк и ги напаѓаат и уништуваат руските воени сили во градот, напиша тој на Телеграм.

Севернодоњецк стана главен фокус на руските напади во источна Украина и едно од најкрвавите жаришта на војната, која трае веќе четири месеци.

Украина соопшти дека во кругот на фабриката се кријат околу 800 луѓе. Наводно, меѓу нив се околу 200 вработени во фабриката и 600 жители на Севернодоњецк.

Родион Мирошник, амбасадорот на самопрогласената Луганска Народна Република во Русија, денеска изјави дека меѓу 300 и 400 украински борци, вклучително и цивили, се блокирани во фабриката и се обидуваат да преговараат за нивната евакуација во градот Лисичанск.

-Ваквите барања се неприфатливи и за нив нема да се преговара, рече Мирошник, додавајќи дека преговорите за ситуацијата со цивилите кои се засолниле во фабриката се во тек.