Звуците на зурлите и тапаните вчера повторно одекнуваа низ камените улици на Галичник, каде што на Петровден се одржа централниот дел од традиционалната манифестација „Галичка свадба 2026“.

Во центарот на вниманието беа годинашните галички младенци Александар Пендароски и Мартина Михајлова, кои ја крунисаа својата љубов следејќи ги вековните свадбени обичаи на мијачкиот крај.

Семејна традиција продолжена по 35 години

Годинашната свадба имаше посебно значење за семејството на Александар. Точно 35 години по првата современа Галичка свадба во 1991 година, на која се венчале неговите родители, нивниот син стана галички зет и ја продолжи семејната приказна поврзана со Галичник.

Александар претходно истакна дека учеството во манифестацијата за него претставува продолжување на семејната врска со Галичник, која трае со генерации. Мартина, пак, улогата на галичка невеста ја опиша како голема чест и можност да стане дел од значајна македонска традиција.

Изведени древните галички свадбени обичаи

Вчерашниот ден беше кулминација на тридневната манифестација. Во рамките на програмата беа изведени повеќе традиционални обичаи, меѓу кои „канење на мртвите“, „канење на кумот“, бричење на зетот, „гледање низ прстен“, тргнување по невестата и дарување.

Младенците се венчаа во храмот „Св. Петар и Павле“, по што свадбената церемонија продолжи со останатите традиционални ритуали. Манифестацијата заврши со свечено испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Главните свадбарски обичаи започнаа во саботата, а програмата годинава беше збогатена и со ритуалите „китење на ситото“ и „замесување на сваќата“.

Апсење на Галичката свадба

„Тешкото“, носиите и зурлите го оживеаја духот на Мијачијата

Пред галичката чешма „Упија“ беа изведени свекрвиното и невестинското оро, додека ансамблот „Танец“ го изведе легендарното „Тешкото“.

Со достоинствените чекори, традиционалните носии и звуците на зурлите и тапаните, Галичник уште еднаш го оживеа духот на мијачкиот крај.

Меѓу највпечатливите моменти беше и традиционалното одење на невестата по вода од трите галички чешми, обичај што со векови претставувал дел од свадбениот живот во Галичник.

„Галичка свадба 2026“ започна на 10 јули со културно-забавна програма. Организатор на манифестацијата беше Месната заедница „Галичник“, покровител беше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а институционална поддршка обезбеди Министерството за култура и туризам.