Нема поделби меѓу членовите на фракцијата на ДУИ, тврди Висар Ганиу кој е дел од Огнената Група, откако деновиве се шпекулираше дека односите меѓу Изет Меџити и Блерим Беџети се во криза. Ганиу го негираше тоа велејќи дека колегите се на одмор и штом се вратат ќе седнат за да дебатираат за идните активности, пренесува Алсат.
„Не, во моментов нема поделба. Некои од нашите колеги се на одмор, некои се тука, мислам дека сега ќе се вратиме, ќе седнеме и сите ќе се координираме, но за поделеност слушнав од медиумите. Секогаш разговараме за пристапите и идеите на маса и разговараме заедно. За ниту еден човек, во ниту еден процес, не можеме да гарантираме дека може да остане верен на таа идеја до крај или дека може да има други идеи. Значи, ова е демократија“, рече Висар Ганиу, фракција на ДУИ.
Имајќи предвид дека Меџити пред неколку дека изјави дека со последните избори се исцрпени сите можности за делување во партијата и на маса е и опцијата за формирање на ново политичко движење, Ганиу не негираше таква можност, но додаде дека досега на оваа тема не се дебатирало.
„Ниту во овој момент не негирам. Ќе се собереме и ќе одлучиме за следните чекори. Но, просторот ќе го искористиме максимално да може да дејствуваме во рамките на ДУИ. Во моментот кога ќе ги затвориме вратите, ќе разгледаме други опции за нашето дејствување“, нагласи Висар Ганиу, фракција на ДУИ.
На прашањето дали фракцијата планира да отвори нова партија, Ганиу со одговор дека никогаш тоа не им било во план, туку нивната цел е од внатре да дејствуваат како фракција и да функционираат.
Внатрепартиските избори на ДУИ, кои се одржаа минатиот викенд, според Ганиу, се нелегитимни.
„За нас е нелегитимно, ние имаме по седум члена и сите заедно заклучивме дека тоа е надвор од статутот. Во статутот не е предвидено еден член – еден глас. Таа важи само за претседателот на партијата, а не важи за другите. Партијата не го повика Извршниот совет и продолжи така да функционира без амин од внатрешните органи, кои алудирале дека ова е нестатутарно. Ние не учествувавме во ова бидејќи сè беше изрежирано. Најавија две-три илјади гласа, а не знаеме дали излегоа околу 400. Тоа покажува дека процесот е фиктивен, а не природен“, посочи Ганиу.