Приднестровие (или Транснитрија) – е името на регион во Молдавија (на границата со Украина) за кој постои огромен страв дека може да се вклучи во војната во Украина. Односно дека може да биде вовлечен во неа, пишува денеска Гардијан.

Имено, таму имаше неколку експлозии, кои биле насочени кон Министерството за безбедност на Молдавија, радио кула и една воена единица, а се се случија само неколку дена откако Русите почнаа да зборуваат дека нивните луѓе во Молдавија имаат проблеми. Истото сценарио се случи и во пресрет на нападот на Украина.

Приднестровие е претежно рускојазичен регион кој водеше војна во 1992 година против западната централна влада. Таа војна заврши со стотици мртви и со интервенција на Русија, која им помогна на бунтовниците.

Потоа, во 2006 година се одржа референдум на кој 97,1 отсто од луѓето гласаа за присоединување на Приднестровие кон Русија, но референдумот не беше прифатен од меѓународната заедница.

Денес Приднестровие е под контрола на проруските сепаратисти, а таму има постојано стационирани околу 1500 руски војници. Има 465.000 жители кои главно зборуваат руски, додека во остатокот од Молдавија (која има вкупно околу 2,6 милиони жители) се зборува романски. Приднестровие користи кирилицата и има своја валута (Приднестровска рубља), свои безбедносни сили и пасош, иако повеќето од нејзините околу 465.000 жители имаат двојно или тројно молдавско, руско или украинско државјанство.

Москва ја поддржува економијата на Приднестровие, снабдувајќи го регионот со бесплатен гас и задржувајќи ги трупите стационирани таму, всушност создавајќи руски сателит на границите на ЕУ, потенцира Гардијан.

Приднестровие исто така е преплавено со советски симболи. Нивното знаме е украсено со срп и чекан, огромна статуа на Ленин се наѕира над центарот на главниот град Тираспол, а биста на болшевичкиот водач седи пред градското собрание или Домот на Советите.

По експлозиите во тој регион, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вчера изјави дека е загрижен поради вестите кои доаѓаат од Приднестровие, додека лидерот на самопрогласената република Доњецк, Денис Пушилин, рече дека Москва треба да ги земе предвид настаните во Приднестровие кога ќе го планира продолжението на војната.

Молдавската претседателка Маја Санду јасно стави до знаење дека се противи на отцепувањето на Приднестровие. Таа бара руските трупи стационирани таму да бидат заменети со меѓународни набљудувачи, што Русите го одбиваат.

Од Приднестровие денеска пристигна информација дека некој од Украина пукал во селото во кое се наоѓа складиштето за муниција и дека дронови лансирани од Украина ја надлетувале областа. Киев ја обвинува Москва дека ги организирала нападите. Кремљ соопшти дека е сериозно загрижен поради тие настани.

Во своето денешно обраќање пред германскиот парламент, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека сè уште не е јасно кој стои зад неодамнешните напади во одметнатиот проруски регион Приднестровие во Молдавија.

Таа ја опиша ситуацијата во Молдавија како „екстремно критична“.