Гаши: Нема дилеми за стабилноста на парламентарното мнозинство

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска потврди дека владината коалиција и понатаму има стабилно мнозинство во парламентот. И покрај промените во некои политички партии. Според него, Владата и парламентарното мнозинство ќе продолжат со работа со полн капацитет.

„Мнозинството е стабилно. Не постои никаква дилема околу тоа. Се работи за едно политичко преформулирање, но неколку пратеници од партијата која заминува во опозиција остануваат дел од ‘Влен’“, истакна Гаши на Балканскиот Самит на Алумни под наслов „Securing Regional Prosperity through NextGen Leadership“.

Очекувања за нов министер за здравство – Алиу кандидат на ВРЕДИ

Во врска со изборот на нов министер за здравство, Гаши појасни дека согласно законот и деловникот, иницијативата мора да дојде од Владата. Откако премиерот ќе го предложи кандидатот, тој предлог ќе биде ставен на дневен ред и доставен до сите пратеници. Потоа да биде разгледан на првата следна седница на Собранието.

Паралелно, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, соопшти дека партијата ВРЕДИ ќе го предложи Азир Алиу за министер за здравство, по оставката на Арбен Таравари и неговото заминување во опозиција.

Арбен Фетаи останува вицепремиер, се приклучува во раководството на ВРЕДИ

Како дел од промените во партијата, Меџити информираше дека Арбен Фетаи ќе остане вицепремиер за добро владеење, а дополнително ќе се приклучи и во партиското раководство. Ова ја покажува намерата на ВРЕДИ да задржи влијание и политичка тежина во институциите, и покрај заминувањето на Таравари.

Собранието подготвено за брза процедура

Гаши нагласи дека откако ќе пристигне предлогот од Владата, Собранието ќе постапи итно и одговорно. „Ние сме подготвени веднаш да ја вклучиме точката во дневниот ред и да ја разгледаме на првата наредна седница“, заклучи тој.

Извор: Миа