Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во писмениот одговор до порталот се вели дека барањето за купување јаглен било изнесено при последната посета на Косово на делегација на македонското Министерство за економија, предводена од министерот Крешник Бектеши.

– Северна Македонија побара да обезбеди резерви на јаглен за нејзините потреби… Министерството за економија на Република Косово прифати да отвори дебата/консултации околу модалитетите на потенцијалниот договор. Од политичкото ниво е дадена согласност и изразена добра волја компаниите да ја продлабочат соработката и техничките детали да се прецизираат во текот на преговорите, се вели во одговорот на косовското Министертво до приштинскиот портал.

Како што беше објавено по средбата на Бектеши, на 10-ти овој месец, со неговата косовска колешка Артане Ризваноли и со директорот на Косовската енергетска корпорација, КЕК, Нагип Красниќи, двете министерства се договориле да се направи и потпише Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Косово, со кој ќе се обезбедат потребните количини јаглен за производство струја од домашните енергетски капацитети.