Љубчо Георгиевски лидерот на ВМРО-НП, познат по храбрите тврдења во однос на бугарско-македонскиот спор денеска го коментираше нашиот пејач Васил Гарванлиев, македонскиот претставник на годинешното издание на Евровизија.
-Она што деновиве одредени групи од македонскиот народ му го прават на пејачот Васил Гарванлиев, одамна во општествените науки има своја дефиниција и се вика ШОВИНИЗАМ, напиша денеска на фејсбук Георгиевски.
Деновиве на оваа социјална мрежа се шири петиција, чии наслов е Стоп за понижувањата со Евровизија 2021 година. Со петицијата се бара Македонската Радио Телевизија веднаш да го повлече настапот на Евровизија 2021. Во таа петиција практично е и споменат Љубчо Георгивески.
Настапот на Васил Гавранлиев изгледа како да е инсцениран во склад со политиките на Зоран Заев, Бучковски и Љубчо со кои се сака да се прифати дека македонскиот народ е создаден по 1944-та година. Во неговиот спот ‚случајно’ некој ги заменил боите од триптихот на Жанета Вангели за да наликуваат на бугарското знаме, се вели во петицијата.
Васил Гарванлиев во претходно интервју изјавил дека има бугарско државјанство. Проблемот настана кога на неговиот спот сниман во Даут пашин амам имаше поставка која асоцираше на бугарското знаме, детаљ кој подоцна беше променет во видеоизданието.