Здружението на пензионери на Општина Центар со над 10 000 членови е едно од најбројните здруженија на пензионери на ниво на државата и воедно, едно од најактивните.
Како што пренесуваат од Општина Центар, на средбата со претседателот на Здружението на пензионери на Општина Центар, Спиро Николовски, и со секретарот на здружението, Трајко Трајановски, Герасимовски истакнал дека како и досега, добрата соработка со Здружението со пензионери на Општина Центар ќе продолжи и во иднина.
– За таа цел, како што најавив и во кампањата, во план ни е отворање на три нови пензионерски клубови за дружење и рекреација и тоа во Капиштец, Крњево и близу до Универзалната сала. Веќе напролет општината ќе помогне и при организација на пензионерски турнири во шах, пикадо стрелаштво и други активности важни за нашите повозрасни сограѓани. Ќе го поддржиме организирањето и на традиционалното новогодишно дружење со пензионерите, нормално, доколку тоа го дозволи состојбата со Ковид-19, изјавил на средбата градоначалникот Герасимовски.
Во Општина Центар веќе функционираат пет пензионерски клубови, во урбаната заедница Мирче Ацев во Дебар Маало, на улицата „Водњанска“, во близина на Зеленото пазарче, во населбата Пролет кај Веро Џамбо и во урбаната заедница „Мирче Ацев“, каде повозрасните можат да одмараат, да се дружат и рекреираат.
Во соработка со здружението „Хуманост“, веќе неколку години активен е и проектот „Нега Плус“, општински сервис кој на 90-тина пензионери во општината им овозможува два различни пакети на секојдневна помош и грижа од стручно лице.