Се зголемува бројот на баратели за азил во Европа, а најголем број се поднесуваат во Германија, објавија во петокот германските медиуми.
„Во мај оваа година во земјите на Европската унија и Норвешка се поднесени 87.000 барања за азил, што е зголемување за 16 отсто во однос на април“, пишуваат германските медиуми, повикувајќи се на податоците на Европската агенција за азил (ЕУАА).
Најголем број барања, 27 отсто, се поднесени во Германија.
Следува Шпанија со 20, а Франција и Италија со 15, односно 13 отсто.
Најголем број баратели на азил доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак, а во најголем број случаи, над 50 отсто, поднесуваат барање за азил во Германија.
Во Шпанија, барањата на апликантите од земјите од Латинска Америка како Колумбија, Венецуела и Перу се водечки.
Франција бележи нагло зголемување на барателите на азил од Брегот на Слоновата Коска.
Германската опозиција ја обвини владата дека не прави доволно за да го намали миграцискиот притисок врз Германија.
„Тешка мигрантска криза“
„Европа е во тешка мигрантска криза со месеци и нема индикации дека оваа криза би можела да се намали, а Германија е најтешко погодена од оваа криза“, рече портпаролот на пратеничката група на Христијанско-демократската партија, Александар Тром за весникот „Тагесшпигел“.
Тој ја обвини министерката за внатрешни работи Ненси Фезер дека е неефикасна во намалувањето на бројот на баратели на азил.
„Министерката мора да престане со нејзината миграциска политика „laissez-faire“ и да ја разбере сериозноста на ситуацијата“, рече Тром.
„Само оваа година над 160.000 луѓе поднеле барање за азил во Германија“, рече Тром.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер е една од иницијаторите на идејата барањата за азил во иднина да се решаваат на надворешните граници на Европската унија.
Договор во рамките на ЕУ за нов пристап кон бегалците се уште не е постигнат.
Аналитичарите го поврзуваат ненадејниот пораст на популарноста на десничарската популистичка AfD со зголемениот прилив на бегалци од надвор од Европа кои доаѓаат во Германија.