– Полска или Германија не можат сами да се справат со тоа, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер за „Билд”, повикувајќи ја ЕУ да заземе заеднички фронт. Мораме да и помогнеме на полската Влада да ја обезбеди надворешната граница. Тоа треба да биде прашање на Европската комисија. Сега ја повикувам да преземе акција”, нагласи тој.
Зехофер го упати повикот откако Полска објави дека го отфрлила обидот на стотици мигранти илегално да ја преминат границата од Белорусија, но исто така посочи дека илјадници други и натаму се собираат.
Тој рече дека ја поддржува одлуката на Полска да подигне ограда на границата со Белорусија. Илјадници мигранти се собраа на белоруско-полската граница во обид да влезат во Европската Унија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави во понеделникот дека белоруските власти нема да ги исполнат своите цели со искористување на мигрантите за да извршат притисок врз Европската Унија. Таа ги повика земјите-членки да ги прошират санкциите против „белорускиот режим поради овој хибриден напад”.
Фон дер Лајен најави дека Комисијата ќе разговара со специјализираните агенции на ОН за начините како да се спречи хуманитарна криза и да се обезбеди безбедно враќање на мигрантите во нивните земји.