-Тешко е да се замисли да се пие варено вино на божиќен саем додека болниците се без енергија и се борат со последните ресурси, коментира саксонскиот премиер Мајкл Кречмер за дилемата дали да се отворат божиќни саеми во време кога Германија бележи рекордни бројки на инфекции со коронавирус.

Саксонија бележи рекорди меѓу германските провинции, со инциденца што се искачува и над илјада заразени на 100.000 жители.

А, во главниот град Дрезден постои дилема за годинешната судбина на еден од најстарите божиќни саеми во Германија. Но, одговорот на прашањето дали Стризелмаркт, првпат одржан во 1434 година, ќе биде организиран е во рацете на градските и општинските власти.

И се надеваат дека сепак ќе има божиќен панаѓур во Дрезден. Со т.н Правило 2G (пристап само до вакцинирани и оние кои прелержале ковид) изложувачите се надеваат дека ќе привлечат доволно посетители, иако стапката на вакцинација е најниска во оваа сојузна покраина.

Саемот треба да биде отворен во понеделник, веќе се поставени штандови и куќички, поставена е ограда околу саемот. Но, денеска и утре, претставниците на федералната и провинциската влада во Берлин одлучуваат какви мерки би можеле да се воведат за да се спречи експлозија на епидемијата.

Жртви би можеле да бидат и божиќните панаѓури, кои обично се преполни, а поради постојаното консумирање храна и пијалоци, речиси е невозможно да се спроведе правилото за носење маска или држење растојание.

-Не можам да опишам низ што минуваме во моментов: не спиеме ноќе поради неизвесната ситуација, изјавил за AFP Карин Хантше, чие семејство продава на божиќниот пазар во Дрезден веќе 32 години. Приходите од божиќниот саем сочинуваат над 50 отсто од годишниот приход на семејниот бизнис.

-Како развојот на епидемијата и придружните законски измени ќе влијаат на плановите за отворање на саемот е тешко да се предвиди во овој момент, рече Роберт Франке од општинската полиција во Дрезден.

Минхен е првиот град кој втора година по ред се откажува од одржувањето на божиќен саем.

Во Нирнберг, кој како Минхен се наоѓа во Баварија, сојузна држава која е исто така меѓу водечките по бројот на заразени, решиле да го спасат својот божиќен саем, исто така меѓу најпознатите и најбогатите во Европа, со тоа што ќе го поделат на неколку помали. Тие се надеваат дека тоа ќе ја намали гужвата.

Организаторите велат дека пандемијата може да се избегне со „систематско почитување на правилата“ како што се носење маски, држење растојание или движење во една насока.

Но, проблемот е што епидемиолошката состојба сега е полоша од лани кога саемите по ред биле затворани.

Лотар Вилер, директорот на Државниот епидемиолошки институт Роберт Кох, апелира до организаторите и оваа година да се воздржат од организирање саеми.

Божиќните саеми во Германија се од големо економско значење.

Пред пандемијата, околу 3.000 саеми, од мали и маалски до светски познати, привлекле над 160 милиони посетители и оствариле приход од три до пет милијарди евра.