Германската Влада ја осуди новата пресуда на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални на девет години затвор како произволна и нелегитимна.
– Новата затворска казна што денеска му беше изречена на Алексеј Навални е бесрамно самоволие. Тоа е најновата инструментализација на рускиот правосуден систем против неистомислениците и политичката опозиција, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.
Берлин рече дека судењето било тајно, не презентирало валидни докази и ги прекршило основните принципи кои се однесуваат на владеењето на правото.
Владата уште еднаш побара итно ослободување на Навални.
Навални (45) денеска е осуден на девет години затвор „за измама од особено големи размери. Тој беше прогласен за виновен за проневера на средства за неговата антикорупциска фондација, што сега е забранета во Русија и за навреда на судија во претходното судење.
Навални веќе отслужува казна од најмалку две години и осум месеци во затворот Покров, на околу 100 километри источно од Москва.