Фармацевтската компанија „Фајзер“ денеска објави дека преку УНИЦЕФ ќе обезбеди четири милиони пакувања Паксловид (Paxlovid), лек против Ковид-19 во форма на таблетки, за 95 сиромашни земји каде живее популација од околу четири милијарди луѓе.

Првите испораки се очекуваат на почетокот на следниот месец.

Таблетките се прв лек против коронавирусот, што ќе се појават во некои од најсиромашните делови на светот, но се доволно за само мал дел од популацијата кој има потреба од нив.

Од „Фајзер“ истакнаа дека годинава може да произведат 120 милиони пакувања Паксловид. Најголем дел од овие таблетки ќе се продаваат во побогатите земји.

Испитувањата покажаа дека третманот со Паксловид е високо ефикасен во справување против Ковид-19, но ако се почне во раната фаза на инфекција.

Лекот дава надеж за справување со пандемијата кај сиромашните земји, бидејќи се дава во форма на таблетки дома и чувањето е лесно на собна температура.