Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска му понуди на Израел воена помош и вети дека ќе ја запре поддршката за Хамас во Германија по нападот на палестинската милитантна група врз Израел.
„Во моментов има само едно место за Германија – на страната на Израел. Нашата историја, нашата одговорност што произлегува од холокаустот, нè принудува да се залагаме за безбедноста на државата Израел“, рече Шолц, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Тој рече дека во Германија ќе има „нулта толеранција за антисемитизмот“.
Германското министерство за одбрана претходно соопшти дека се согласило со барањето на Израел да користи два од петте борбени беспилотни летала Херон ТП што ги изнајмува од германската војска и веќе се во Израел. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Израел побарал муниција за воени бродови, додавајќи дека за тоа ќе се разговара.