Нема струја и вода, ниту гориво за појасот Газа се додека нашите заложници не се вратат дома. Изралскиот министер за енергетика преку Твитер ја испрати пораката дека цивилите во Газа се оставени сами на себе.

„Хуманитаризам за хуманитаризам. И никој да не ни држи лекции“, додава министерот Кац во својот пост. Се уште не се знае судбината на киднапираните 150 Израелци за време на нападот од Хамас.

Израел продолжува со неконтролираното гранатирање врз Газа, таргетира училишта, болници и станбени згради. Но, оправдувањето е дека под нив се наоѓаат тунелите на Хамас, каде ги склопуваат ракетите. Се поотежнато е и напуштањето на појасот, низ преминот Рафа, кој го контролира Египет. Одбиени се и плановите да се формира коридор низ кој палестинците би ги избегнале израелските напади. Египет се согласува да отвори пат само за храна и лекови, но не и за цивили. Во меѓувреме, на границата се зголемува бројот на израелските војници, кој надмина 340 илјади, па копнената офанзива е неизбежна, посебно по последната изјава на Нетанјаху.

Се бориме со сета наша сила, на сите фронтови. Почнавме офанзива – секој член на Хамас е мртов човек. Хамас е ИСИС и ќе биде уништен и елиминиран исто како што светот ја уништи и елиминира ИСИС, изјави Нетанјаху.
Начинот на кој Израел се справува со Хамас, е под критика од меѓународната јавност, посебно што во нападите гинат деца. Но, Тел Авив убедува дека разузнавачките служби внимателно ги лоцираат цивилите од непријателот.

Работиме воено според правилата на меѓународното право. Точка. Недвосмислено. Но, ние сме во војна. Ние сме во војна. Ние сме во војна. Ние ги браниме нашите домови. Ги штитиме нашите домови. Тоа е вистината. А тогаш кога еден народ ќе си го заштити домот се бори. И ние ќе се бориме, изјави израелскиот претседател Исаак Херцог.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, веќе пристигна во Израел. Ќе се состане и со Нетанјаху и со палестинскиот претседател Махмуд Абас, но и со регионалните лидери, на кои треба да им соопшти да не зафаќаат страна, во спротивно политичката цена би била огромна. Потребно е да се преговара, сметаат аналитичарите.