Германските енергетски компании „РВЕ“ и „Унипер“ потврдија дека за прв пат рускиот гас го платиле според правилата на Москва односно во рубљи преку посредничка банка во Русија.
Според правилото усвоено на крајот март, набавувачите на руски гас од „непријателските земји“ мораат да отворат сметка во „Гаспром банка“ и на неа да уплатат дознаки во договорената валута, пред се во долари и евра. Банката тие средства на берзата ги менува за рубљи и ги дозначува на сметка на „Гаспром“.
Москва за „непријателски“ држави ги смета сите членки на ЕУ, САД, Швајцарија и останатите кои поради инвазијата во Украина воведоа санкции против Русија, исклучувајќи ги големите руски банки од глобалниот финансиски систем.
Таквите одредби определени од Москва ги подели земјите на ЕУ. Полска, Бугарија и Финска одбија да плаќаат за рускиот гас по новите правила, а „Гаспром“ од минатиот месец им ги запре испораките. Оваа седмица руската компанија најави дека ги стопира и испораките на гас за холандската „ГасТера“ и данскиот „Оерстед“.
Германија е голем увозник на руски гас што минатата година сочинуваше повеќе од половината на увозот на тој енергенс, а значаен удел од увозот се реализираше токму преку „РВЕ“ и „Унипер“. Двете компании веќе најавија дека ќе отворат сметки во „Гаспром банка“, согласно важечките правила што ги диктира Москва, за да обезбедат континуирано снабдување на земјата со руски гас.