Едукатори, социјални работници и продавачи најдефицитарни

Германија ќе се соочи со сериозен недостиг од квалификувана работна сила во наредните години, предупредува Институтот за германска економија (IW) во нова студија. Недостигот, кој во 2023 година изнесувал 487.000 работни места, се очекува да достигне 768.000 до 2028 година. Меѓу најзагрозените занимања се наставниците во предучилишна возраст, социјалните работници, здравствените работници и особено продавачите, кај кои се прогнозира скок од 12.900 на 40.470 неисполнети работни позиции.

Главна причина: демографски промени и пензионирање на бејби-бумерите

„Главната причина се демографските промени. Многу луѓе ќе се пензионираат во наредните години“, вели авторот на студијата, Јурек Тиедеман. Повлекувањето на генерацијата бејби-бумери го зголемува товарот врз постоечката работна сила. Воедно тоа влијае врз секојдневниот живот на граѓаните. Кога нема доволно персонал во градинките или домовите за стари лица, тоа се одразува и на можностите на останатите вработени да го балансираат професионалниот и приватниот живот.

ИТ-секторот во подем, металургијата и банкарството во опаѓање

Иако се очекува раст од 143.400 вработени во предучилишното образование и зголемување на ИТ занимањата за 26% поради дигитализацијата, побарувачката и понатаму ќе биде поголема од понудата. Наспроти ова, најголем пад се прогнозира во металуршката индустрија со 161.200 помалку вработени до 2028 година. Бројот на вработени во банкарскиот сектор ќе се намали за 56.300 поради автоматизација и затворање на шалтери.

Извор: Б92