Испораките на руски гас за Германија во моментов се уште се безбедни, соопшти Министерството за економија, откако пресуши приливот на руски гас во Европа преку важна транзитна станица во Украина.
Киев вчера најави дека ќе го прекине протокот на гас преку транзитната станица Сохрановка, преку која речиси една третина од гасот се доставува од Русија во Европа преку украинска територија и дека ќе го премести протокот на друго место.
– Внимателно ја следиме ситуацијата. Кризниот тим за гасот и операторите на мрежата на гасоводот, исто така, ја следат ситуацијата. Снабдувањето на Германија во моментов е сè уште сигурно, се вели во соопштението на германското Министерство.
Од Здружението на германската гасна индустрија велат дека влијанието на затворањето на транзитната станица Сохрановка врз снабдувањето може да се оцени само кога ќе се види како тој потег се одразил на дотокот на гас.