Германскиот амбасадор во Тирана Петер Зинграф вели дека Македонија заслужува солидарност од страна на Албанија кога станува збор за почетокот на преговорите во Европската Унија.

Зинграф потсети дека Македонија ја почекала Албанија во 2020 година, па сега Албанија не би требала да бара одвојување.

Проблемот што настана помеѓу Македонија и Бугарија беше изненадување за нас. Во 2020 година Македонија мораше да ја чека Албанија за интегративниот процес, а сега имаме иста ситуација. Сите работат со одреден притисок за да се избегнат и отстранат овие пречки што стојат на патот. Француското претседателство е подготвено да ја свика првата меѓувладина конференција во кус рок. Мислам дека Македонија заслужува да се чека и да се покаже солидарност со неа, изјави Зинграф пренесе „Албаниан дејли њус“.

Албанскиот премиер, Еди Рама пред три дена во Берлин најави дека ако во јуни не се отворат преговорите за Албанија од земјите од ЕУ, тој ќе бара одвојување од Македонија, поради кочницата од страна на Бугарија.