Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе и финскиот претседател Александар Стуб остварија телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во времетраење од 90 минути. Целта на повикот била рускиот лидер директно да ги слушне европските гледишта за војната во Украина, а не само американските ставови.
Со овој разговор, Сторе и Стуб отстапија од долгогодишната практика на западноевропските лидери за избегнување директен контакт со Кремљ. Нивниот дипломатски потег веднаш наиде на остри критики од одредени европски сојузници, меѓу кои и од данската премиерка Мете Фредериксен.
Дискусијата се одржа во пресрет на првите очекувани директни разговори меѓу украинските и руските претставници од февруари наваму, кои според планот треба да се одржат во Абу Даби следниот месец.
„Стуб и јас се фокусиравме на иднината и на тоа што треба да се случи за да се спречи оваа војна да се одолговлекува во недоглед – со месеци, со дополнителни човечки жртви – бидејќи тогаш наоѓањето решение станува уште потешко“, изјави Сторе.
„Не верувам дека Путин ќе го промени мислењето, но му беше дадена можност многу јасно да го слушне нашиот став. Загрижен сум што некои од овие пораки не стигнуваат до него кога разговара со Американците“, додаде Сторе.
Тој истакна дека крајната цел на Норвешка е деескалација и намалување на тензиите на теренот. Норвешките предлози вклучуваат прекин на воените напади врз енергетската инфраструктура во Русија и Украина, запирање на нападите врз трговските бродови што превезуваат украинско жито, како и целосна размена на сите воени заробеници.
На прашањето дали е остварливо постигнување мировен договор без Украина да отстапи дел од својата територија, со оглед на тоа што руските сили во моментов контролираат речиси 20 отсто од украинската земја, Сторе посочи на сложеноста на ситуацијата.
„Украина никогаш нема да потпише договор со кој признава дека изгубила територија, но прашањето е дали може да ја прифати сегашната линија на фронтот како реалност и како појдовна точка за преговори. А главното прашање е какви безбедносни гаранции можат да ѝ се обезбедат на Украина откако ќе се постигне мировен договор. Путин е свесен дека тоа е клучниот проблем“, рече Сторе.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека овие дипломатски разговори не донеле ништо ново во однос на решавањето на војната во Украина. Лавров упати обвинувања до европските земји дека единствено се обидуваат да си обезбедат формално место на преговарачката маса, но истовремено се согласи дека главното прашање се безбедносните гаранции за Украина по мировниот договор, прашање чија важност ја препознава и самиот Путин.
