– Ситуацијата за време на пандемијата не беше толку сериозна како што е сега, изјави Лотар Вилер, директор на Државниот епидемиолошки институт Роберт Кох, во интервју за неделникот Ди Цајт.

Тој ги повика граѓаните, иако во моментов тоа не е дел од мерките за борба против пандемијата на федерално или провинциско ниво, да ги сведат физичките контакти на минимум, особено во затворени простории. Тој препорача, исто така, граѓаните да се тестираат пред да се сретнат со луѓе кои припаѓаат на ризичните групи.

Од денеска, на национално ниво ќе стапи во сила ревидираниот закон за борба против зарази, со кој се бара пристап до работното место и јавниот превоз само за луѓе кои се вакцинирани, прележале Ковид-19 или имаат негативен тест. Истиот закон им дозволува на федералните провинции да ги приспособат мерките согласно актуелната епидемиолошка ситуација.

Во Берлин од викендот важи правилото 2Г плус за угостителските објекти и културните институции, според кое пристап имаат само лицата кои се вакцинирани или прележале Ковид-19, и кои дополнително мора да покажат негативен корона тест. Правилото 2Г, кое дозволува пристап само на вакцинирани лица или оние кои го прележале вирусот, се воведува и во малопродажбата, со исклучок на продавниците за секојдневни потреби.

Во соседен Бранденбург децата повеќе не се обврзани да доаѓаат на училиште, а во оваа сојузна држава, како и во Тирингија, Баварија и Саксонија, божиќните панаѓури се забранети.

Во Тирингија, Баден-Виртемберг, Саксонија и Баварија, од денеска важат и забрани за движење навечер за невакцинираните, во зависност од локалните индикации.

Министерот за здравство Јенс Шпан вчера, во интервју за јавниот сервис Дојчландфунк се заложи да се воведе правило 2Г плус за целата држава.