Седумдесетгодишна туристка од Германија во вторникот вечерта била пронајдена почината во хотел на охридскиот кеј. Првичниот медицински преглед не покажал траги на насилство, а телото е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.

„Случајот бил пријавен во Секторот за внатрешни работи Охрид во 23:40 часот. По добиената пријава, на местото на настанот веднаш излегла екипа на Итната медицинска помош, при што дежурниот лекар констатирал смрт кај седумдесетгодишната Б.Х.К.“, соопшти полицијата.

По овластување на јавен обвинител, полициски екипи извршиле увид во хотелот.

„Првичниот медицински преглед покажал дека на телото на починатата странска државјанка нема траги на насилство. Со цел точно утврдување на причините за смртта, по наредба на обвинителот, телото на починатата е предадено на обдукција“, соопшти МВР.