Германската војска -Бундесвер, денеска ја завршува акцијата за евакуација на своите граѓани од Авганистан, пет дена пред најавеното повлекување на американските војници.
Последната фаза од мисијата за евакуација веќе почна и еден од четирите планирани авиони утринава слета во Кабул. Причина за предвременото завршување на евакуацијата е, како што истакнуваат во Берлин, зголемената опасност од тероризам.
За денеска се планирани четири авиони „А400 М”, со германски војници, и два хеликоптери да летаат од Кабул до Ташкент, од каде што утре ќе го продолжат патот за Германија.
Според податоците на Министерството за одбрана, Бундесверот префрлил 5.193 лица од почетокот на мисијата за евакуација од Авганистан, а биле извршени вкупно 34 летови.