Германскиот синдикат на машиновозачи (ГДЛ) денеска објави дека ги повикал вработените во државната компанија Дојче Бан (ДБ) на нов повеќедневен штрајк.
Штрајкот ќе започне во 2 часот наутро в среда и ќе продолжи до 18 часот во понеделник следната недела, се вели во соопштението на ГДЛ објавено утрово.
Во вторник во 18 часот на штрајк веќе се повикани членовите на синдикатот ДБ Карго, задолжен за товарен транспорт.
Во петокот, Дојче Бан претстави нова понуда за плата за да го врати ГДЛ на преговарачка маса. Понудата вклучува можност за еден час пократко работно време за машиновозачите од 1 јануари 2026 година. Понудата вклучуваше и зголемување на платите за вработените за 4,8 отсто од август и дополнителни 5 отсто од април 2025 година.
Дојче Бан, исто така, им нуди на машиновозачите и на придружниците можност да го намалат работното време од 38 на 37 часа неделно од 1 јануари 2026 година со иста плата. Оние кои ќе се откажат од кратењата ќе добијат зголемување на платите за 2,7 отсто, се вели во понудата.
Но, тоа не беше доволно за нови преговори.
-Со третата и наводно подобрена понуда, Дојче Бан уште еднаш покажа дека продолжува да го следи претходниот курс на одбивање и конфронтација – нема знаци на подготвеност да се постигне договор, се вели во соопштението на ГДЛ.
Дојче бан ја бранеше својата понуда до ГДЛ.
-ДБ се фокусира на компромиси, ГДЛ прекумерно го ескалира конфликтот, рече портпаролот на ДБ.
Ова ќе биде четврти штрајк во актуелниот спор за платите. Пред крајот на минатата година, ГДЛ парализираше големи делови од превозот на патници во два штрајка, по што следеше тридневен штрајк со сличен ефект во јануари.