СДСМ, ДУИ и Левица ги обедини желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, се обрати на денешниот народен митинг во Пробиштип, во рамки на изборната кампања со слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“. Тој ја критикуваше неформалната коалиција составена од СДСМ, ДУИ и Левица, нагласувајќи дека на овие локални избори тие настапуваат со црна кампања без никакви проекти, визија или стратегија.

„Кога зборувам за нашите противници зборувам за една непринципиелна коалиција, која што е составена од во суштина три политички партии, која што се обединила поради две главни причини, првата е желбата за власт, по било која цена. И втората е, патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата на СДСМ, на ДУИ, и политичката партија Левица. На некои места, оваа коалиција е формална, на некои полуформална, но во суштина, тоа е тој опозициски блок, кој што на овие избори излегува тотално без никаква програма“, изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ се фокусира на позитивна кампања и проекти за иднината

Мицкоски подвлече дека опозицијата не нуди ништо освен црна кампања.

„Од првиот ден, заклучно со денеска, ние не слушнавме ниту еден проект, не слушнавме никаква визија, никаква стратегија, од нив не слушнавме како планираат и каде планираат да ја водат Македонија. Од нив слушнавме само три, условно кажани, политички пораки во оваа кампања. Првата е, црната кампања која што ја водат од првиот ден, па се до ден денес. Против мене се разбира најмногу и против ВМРО-ДПМНЕ. Втората политичка порака која што ја испратија е дека тие се политички наследници и претставуваат континуитет на тоа што претставуваше влада 7 години во Македонија, коалиција СДСМ-ДУИ. Третата политичката порака е дека тие се грижеле и се бореле за нашиот дом“, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека неговата партија избира позитивна кампања и се фокусира на конкретни проекти и иднината на граѓаните:

„А верувајте, имаме таква инспирација да ги потсетиме граѓаните, за тоа што го работеа 7 години, што ако почнеме рано наутро малку ќе ни биде еден ден сето она лошо што го направија додека 7 години беа влада. Но, рековме не. Ние сакаме да бидеме Влада која што ќе се обиде да ја врати надежта кај луѓето, и сакаме да зборуваме за убави работи, за проекти, да зборуваме за иднина“.

Тој исто така го критикуваше личниот пристап на опозицијата кон него и ВМРО-ДПМНЕ:

„Прво ми посакаа, ќе било штосно ако го виделе моето тело распарчено и спакувано во куфер, потоа претседателот на СДСМ, претпоставувам инспириран, бидејќи неговиот политички гуру седеше во првиот ред, во еден занес, кажа дека тие нас не не мразеле туку не презирале. Тоа претпоставувам треба да е степен над омраза, барем според нивната филозофија. Инаку, човекот е педагог, редовен професор на факултет, кој што пледира утре да ја води државата. Тоа е тоа што нуди СДСМ на овие избори“, заклучи Мицкоски.