Иако ЕК потенцира одредени области каде е постигнат напредок, тој е многу искрен за оние области каде не е постигнат напредок особено за оние области кои ние ги сметаме за толку важни и ги опишуваме како дел од основите во пристапните преговори, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир за Извештајот за напредокот на државата на ЕК.

„Извештајот е искрен, но правичен, со тоа ние сакаме да ги охрабриме властите, државните институции, како и сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните и во интерес на патот кон членство во ЕУ,“ рече Гир.

Извештајот, кој што го покрива периодот од есента 2022 година до летото 2023, потенцира Гир, доаѓа во контекст кога имаме значајна динамика во проширувањето, особено по незаконската руска агресија во Украина, при што рече, сите разбираме дека проширувањето е во наш заеднички интерес, просперитет, демократија, но и стабилност и безбедност.

„Во Извештајот се искажува загриженост за политичката поларизација што влијаеше врз работата на Собранието со што се одолжуваат потребните реформи. Процесот за пристапување кон ЕУ бара консензус меѓу политичките партии токму за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна и некогаш несоодветна употреба на забрзаните процедури. Повикуваме на тоа дека ЕУ знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласт со ЕУ нормите а не да се скрати дебатата за важни прашања. Има злоупотреба на знаменцето во случајот на измените на кривичните закони и законите поврзани со патните коридори 8 и 10Д Бехтел и Енка Договорот“, истакна Гир.