„Главниот наратив на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ овие парламентарни и претседателски избори е промена. Промена на актуелната гарнитура, тоа е главниот наратив“, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во утринската емисија на радио „Лидер“.
„За жал изминативе седум години Македонија стана неуспешна приказна. А, нашиот бескорисен претседател Стево Пендаровски се мисли дали да каже Македонија, и не кажува Македонија туку вели нашата земја“, потсети Ѓорчев.
Ѓорчев додаде дека оваа владина гарнитура и бескорисниот претседател Пендаровски со своите штетни политики ја уништија државата. Затоа е потребна промена, време е Македонија да се придвижи напред, а тоа ќе биде со ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе има најголем број на пратеници. И прво би сакал да ја упатам клучната порака до луѓето кои што не слушаат во моментов, а кои што не се определени за кого ќе гласаат, пораката до нив е дека ВМРО-ДПМНЕ секако ќе ја направи Владата, но не е исто како се преговара за Влада со 50 пратеници, 55 пратеници, или со 61 пратеник, затоа излезете гласајте за промена. На поинаков начин се преговара ако имаш 61 пратеник, а на поинаков начин се преговара ако имаш 52 пратеника. Би ги замолил луѓето кои не ни се склони да размислат дека е стратешки важно за Македонија да има стабилна Влада“, порача Ѓорчев.
„Сите оние понижувања кои што ги приреди оваа власт, сите оние катастрофи на Стево Пендаровски, на Зоран Заев, на Димитар Ковачевски ќе дојдат на наплата. Но, има еден друг проблем тука, а тоа е и причина уште повеќе за да се излезе на избори и да се гласа против власта, а тоа е иселувањето на граѓаните од државата. Во Македонија се има случено последниве 6-7 години таков егзодус каков што немало во македонската историја“, рече Ѓорчев.
Тој укажа дека време е да се стави крај на лошите политики на оваа актуелна власт. По осми мај доаѓаат подобри времиња за граѓаните и за Македонија.