Иако македонскиот кошаркарски шампион веќе ја исполни целта и ќе се врати во елитата, сепак извршниот директор на клубот Филип Ѓоревски најави дека ќе се нападне трофејот.

„Пресреќни сме што успеавме да го оствариме сонот, а тоа е да го вратиме клубот таму каде што му е местото – во јадранската елита. Сепак, не планираме да застанаме на тоа. И покрај пласманот во друштвото на најдобрите, за нас неделното финале од АБА2 лигата против Златибор е исклучително важно бидејќи сакаме да го кренеме победничкиот пехар. Ги повикувам сите што навиваат и имаат симпатии за нашиот клуб, но и останатите спортски вљубеници во државата да дојдат утре в сала и да ни помогнат да ја оствариме посакуваната цел. Секој освоен трофеј е драгоцен, па затоа сакам сите заедно да имаме двојна причина за радост по утрешната финална пресметка. МЗТ Скопје и македонската кошарка го заслужија тоа. Затоа, сите патишта нека водат кон „Јане Сандански“. Заедно сме најсилни!“, кажа Ѓоревски.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Златибор ќе се одигра утре (недела) со почеток од 19:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.