Српскиот музичар Ѓорѓе Давид, кој вчеравечер беше дел од тешката сообраќајка кај Табановце, во која загина жена, останува во Македонија до крајот на процедурата на обвинителството.
Морам да бидам тука. Ме чека уште една изјава, а како што ми рекоа од обвинителството, нема да бидам во притвор бидејќи не сум виновен, вели Ѓорѓе Давид, додавајќи дека сè уште не може да се соземе.
Неговиот автомобил е целосно уништен, а тој има расекотини на раката.
Синоќа имав еден слом, сега се потсмирив. Никогаш во животот не сум згазнал ни куче, а камоли ова. Сè уште сум во благ шок, тоа е пекол, вели рокерот.
Кумановското обвинителство извршило увид во сообраќајната несреќа што се случи вчера пред граничниот премин Табановце во која загина 49-годишна жена од Куманово.
Според првичните сознанија на Обвинителството, до несреќата дошло така што прво настанал судир меѓу автомобилите со македонски таблички бидејќи едн од возилата влегло на автопат од недозволена насока, а откако жената излегла од автомобилот, во неа налетало возилото со српски ознаки. Од здобиените повреди, кумановката починала.
-Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, „Фолксваген поло“ со кумановски и „Фолксваген голф“ со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока. По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил „Опел инсигниа“ со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала, соопшти Обвинителството.
Обвинителството издало наредба за обдукција на починатата и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментот се хоспитализирани со полесни повреди. Собрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.
Претходно СВР Куманово информираше дека во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20 часот учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.
– Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.