Долго време речиси не постои соработка со Град Скопје, вели градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Малку се сферите каде имаме соработка, речиси никаде. Тоа се случува, не изминатиов месец или недела дена, туку тоа трае со месеци наназад. Ние практично имаме блокада на секое поле од страна на градот Скопје и јавните претпријатија и целата ситуација кулминираше вечерта кога ние практично влеговме да ја завршиме работата како градоначалници од скопските општини, на оние коишто треба да си ја завршат работата, а ја немаа завршено. Наидовме на неразбирање од нивна страна и наместо да кажат благодарам, бидејќи се соочивме со проблемот откако неколку дена се таложеше отпад по улиците во главниот град, а здравјето на граѓаните беше ставено во ризик, ние добивме блокада вечерта во доцните часови пред јавното претпријатие „Дрисла“, а подоцна се соочивме со оние би рекол несмасни изјави од нивна страна за тоа дека ќе ги казнувале Кисела Вода и Сопиште како општини затоа што сме одложиле дел од отпадот пред „Дрисла“.