Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски на денешната средба со бизнис заедницата од општината ги претстави двата капитални проекти за изградба на фекална канализација и водоводна мрежа во населбата Стаклара.
– Овие проекти, изработени за многу кус период од Општина Кисела Вода, претставуваат сумиран одговор на барањата на над 500 семејства и на, безмалку, сите бизнис ентитети лоцирани во овој дел на градот. Добрата инфраструктура е една од клучните потреби на секоја компанија за успешно функционирање, а за жителите еден од елементарните услови за достоинствено живеење во 21-от век. Се работи за изградба на две мрежи-водоводна и фекална канализациска мрежа во вкупна должина од 9,2 километри, која ќе чини околу 110 милиони денари, известуваат од локалната самоуправа.
Оттаму посочуваат дека Општината, експресно одговорила на потребите на заедницата, која, како што велат, повеќе од 50 години се бори со овој проблем и го изготвила проектот, кој е од исклучително значење и ќе има долгорочен позитивен ефект врз економскиот развој на општината.
– Сепак, реализацијата значи огромна сума на пари која го надминува финансискиот капацитет на локалната самоуправа, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето излагање пред присутните.
Тој ја повика бизнис заедницата на соработка преку нивен придонес во изградбата на водоводната и канализациската мрежа, бидејќи заедничка цел на сите, е постигнување на подобри услови за работа и живеење.
– Децении наназад жителите и вработените во ова место се борат со немањето на вода, проблем кој е резултат на несоодветен водоводен систем, граден од страна на граѓаните пред десетици години, кој никако не може да одговори на потребите на денешницата. Слабиот притисок, а некогаш и целосниот недостиг на вода, во голема мера го отежнува и работењето на компаниите со седиште во Стаклара, на тој начин намалувајќи ја нивната продуктивност и приходите кои би можеле да бидат остварени. Можеби уште поголем проблем е целосниот недостиг од фекална канализациска мрежа, што претставува сериозна закана и за животната средина. Во целост, проектите кои ги изработивме, предвидуваат изградба на две мрежи и водоводна и фекална мрежа во вкупна должина од 9,2 километри, објасни градоначалникот на Кисела Вода.
Ѓорѓиевски информира дека фекалната канализациска мрежа ќе биде во должина од 5,7 километри, додека водоводната во должина од 3,5 километри.
– Се работи за проект од исклучително значење кој ќе има долгорочен позитивен ефект врз економскиот развој на општината. Силно верувам дека со соработка и заедничка заложба можеме да го претвориме овој проект во реалност и да им овозможиме на сите нашите граѓани и бизниси да имаат подобри услови за работа и живеење, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, по што следеше презентација на проектот од страна на стручните служби и дебата меѓу стопанствениците околу долгоочекуваниот проект.
По бројните прашања и објаснувања, беше договорена и следна средба на која ќе се утврдат насоките за понатамошна заедничка работа.