Васко Кичевски, претседател на градската организација на СДСМ, во емисијата 10 МИНУТИ на ТВ21 кажа дека има можност Град Скопје да отиде во банкрот, поради тоа што на буџетската сметка имало само 10-20 милиони денари.

„Кога СДСМ го заврши минатиот мандат, имаше 700 милиони денари во буџетот, сега има 10-20 милиони. Јас искрено се плашам дека ќе дојдеме до банкрот, и до ситуација кога нема да може да се подмируваат трошоците, ќе нема јавен превоз, хигиената ќе биде полоша, и во една ваква ситуација, со овој буџет, нема да може да се покријат сите обврски“, рече Кичевски.

Кичевски објаснува зошто денеска на Совет на Град Скопје, не беше изгласана иницијативата за набавка на нови автобуси.

„Најпрво да објаснам зошто не ја поддржуваме иницијативата, односно да се задолжиме 10 милиони евра, 33 автобуси, но ќе бидат помалку автобуси, затоа што цените на пазарот не се тие. Не е тоа вистинската причина зошто не поддржуваме. Ние како СДСМ претходно оставивме проекти за Градот. Еден од тие е решавање на јавниот сообраќаен хаос со баст рапид транзит, и системот ќе го решеше проблемот со сообраќајот. За жал овој проект стои во место, иако има обезбедено 70 милиони евра од Европската Банка за обнова и развој, проект кој е поддржан од сите експерти, и ќе го решеше проблемот. Со набавка на нови 33 автобуси не го решаваме проблемот. Сега имаме сериозни проблеми со автобуси. Не доаѓаат на време, преполни се и хаосот продолжува повеќе од шест месеци, ваквата одлука не ја поддржавме, затоа што ќе го оптовари буџетот на Град Скопје кој и така е лош“, рече Кичевски.