Дијана Мести е негувателка на дедо Ѓорѓи.

На огласот кој го распиша општина Кисела Вода се јави веднаш, бидејќи веќе има вакво искуство кое го стекнала во Калифорнија, пред неколку години.

По добивањето на лиценцата, веднаш започна со работниот ангажман.

Го опиша дедо Ѓорѓи како ведар и разговорлив и спомна дека веднаш почнале да се согласуваат

Во петокот, заеднички отидоа во Здравствениот дом за тој да ја прими третата доза од вакцината.

Му помагаше да стигне до таму, а со разговор го храбреше и за време на другите здравствени прегледи.

Тој пак, видно расположен, објасни дека во друштво, сѐ е полесно и дека го чека потоплото време за да може заедно со Дијана да се шетаат во паркот Шопен, кој е во непосредна близина но е недостижна дестинација кога човек е во години и нема придружба.

И Дијана, како и останатите времено ангажирани негуватели на стари лица во рамки на проектот ,,Се грижиме за возрасните” кој го спроведува Кисела Вода во финансиско партнерство со УНДП, беа невработени лица кои сега добиваат паричен надоместок.

Најпрво им беше овозможена обука и можност да се стекнат со лиценца, а до мај, ќе имаат можност и да се стекнат со работно искуство.

Сите негуватели секојдневно им помагаат на постарите лица во извршување на обврските и активностите, но и се дружат со нив и им овозможуваат староста да не им биде пречка за нормално функционирање.

Исто така, во моментов во општина Кисела Вода тече нов оглас за ангажирање на негуватели во детските градинки, повторно во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), соопшти градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.