Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски утрово е во населбата Градинар, каде започна реконструкцијата на улицата „Борис Трајковски 7” со должина од околу 1 км и уште 6 други улици со должина од околу 750 метри.
Се работи за нова фаза од проектот за обнова на патната инфраструктура во оваа населба, каде во изминатиот период Општина Кисела Вода изгради фекална канализација.
Паралелно со асфалтирањето на овие сообраќајници се одвива поплочување со павер елементи и на повеќе други краци од улицата “7”. До крајот на годинава ќе биде финализиран овој обемен проект со површина од 12 000 м2 кој на жителитe од Градинар конечно ќе им донесе современи услови за живот, постоење на квалитетна подземна и надземна инфраструктура.
-Денес сме на улицата „Борис Трајковски 7” во населбата Градинар, каде започнавме со градежни активности за реконструкција на овој потег долг околу 1км, каде претходно изградивме фекална канализација. Со асфалтирање ги опфаќаме и улиците 1,2,3, 4, крак од улица 5, како и улицата која води кон булеварот „Србија”. Во исто време се поплочуваат со павер елементи и повеќе краци на улицата “7”. Како што ветив, жителите на населбата Градинар, Новата 2024 година ќе ја започнат со целосно обновена патна мрежа со површина од 12000 м2, додека новата канализационата мрежа веќе се користи и фекалните води завршуваат во изведените колектори по булеварот Србија и покрај Усјанскиот Канал. Инфраструктурните зафати кои ги преземаме и во Градинар и во сите други населби и населени места во општина Кисела Вода значат надминување на проблеми чие постоење е недозволиво за денешницата. За мене како градоначалник беше несфатливо што никој претходно не се занимавал со овие прашања и токму затоа и во годината што доаѓа тие ќе бидат приоритетни. Работејќи да постигнеме рамномерен регионален развој на сите месни и урбани заедници низ општина Кисела Вода, продолжуваме со интензивна работа се додека не успееме во намерата сите наши жители да добијат модерни и современи услови за живеење, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.