Финализираат градежните работи во местото викано Дупки, во Драчево. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес ја посети оваа локација, која до пред само година и половина беше огромна депонија.

Наместо тоните отпад и неподносливата миризба која од тука се ширеше, на ова место сега никнува ултрамодерен парк, во кој покрај другите содржини ќе има и кино на отворено.

-Се наоѓаме во местото викано Дупки во Драчево. Ова долго време беше локација која сите ја избегнуваа бидејќи претставуваше една огромна дива депонија. Првиот чекор кој го презедовме беше нејзиното темелно чистење, а денес на истото место, градиме модерен мегапарк од 7500 квадратни метри кој ќе нуди многу содржини. За нашите жители тука ќе има детско катче, пешачки патеки, ќе поставиме урбана опрема, ќе има многу зеленило и дрвца. Просторот ќе биде целосно осветлен. Она што можеби е најинтересно е дека тука, во Дупки, започнуваме со изградба на првото кино на отворено во општина Кисела Вода. Посетителите кои тука ќе доаѓаат, ќе имаат и каде да ги остават своите возила, бидејќи во овој комплекс ќе изградиме и паркинг од 900м2 за 40 автомобили, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Додаде дека стратегијата за чиста и зелена Кисела Вода преку трансформација на локалните диви депонии во зелени паркови со бројни содржини, некои од нив и ексклузивни, како оваа денес, со киното на отворено, веќе ги дава и првите резултати.

-Наместо депонија, во некогашен Оксиген сега има модерен спортско-рекреативен центар кој повторно ги врати жителите во ова, порано за нив култно место. Паркот Иднина на кружниот тек помеѓу Кисела Вода и Припор исто така е поранешна депонија, а сега прекрасна локација каде често се минува слободното време. Сигурен сум дека и Дупки по завршувањето на градежните активности, посебно кога ќе започнат и првите филмски проекции под отворно небо, ќе биде популарно место за забава и дружба, не само за жителите на Драчево, туку и за сите скопјани. Се надевам дека ова планско расчистување на депониите, нивната пренамена во простор кој нуди корисна и потребна содржина, како и на создавањето на преку 50 000 m2 зелена површина колку што имаме досега, ќе влијае и врз свеста кај граѓаните и ќе го спречи создавањето на нови црни еко точки, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.