Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денеска го одбележа започнувањето на новото рекреативно туристичко место во Драчево кое ќе биде новото Водно во градот.

Местото ќе нуди пешачење по патека во должина од 8 километри, со многу урбани содржини, паркинзи и две платоа.

-На местото викано Марков рид, започнавме со расчистување на трасата која ќе биде нова туристичка рекреација за жителите од Кисела Вода, но и за целото Скопје.

Патеката позната како Покрски која е долга над 8 километри и по која мојот народ се движи на првиот ден после големиот христијански празник Велигден, во иднина ќе се користи како рекреативна патека и ќе понуди извонредни услови за поминување на слободното време.

Сместено во чиста и зелена средина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, ова ново место ќе има асфалтирана патека која ќе ја красат урбана опрема на која посетителите ќе можат да одморат и да уживаат во природата.

Првата фаза ќе биде завршена до месец март, со што до првото плато ќе може да се пристапи од две страни, од кои едната ќе биде уредена со скали кои ќе водат до првото плато, односно до православниот Крст.

Патеката ќе продолжи до второто плато, односно вториот мини плоштад на кој ќе биде изграден и споменик на Комитите.

Сето ова, од почетокот на трасата до крајот ќе биде уредено со жардинерии кои ќе се вклопат во природната планинска вегетација како и патокази и паркинзи.

Сумарно, ова ќе биде уште една вистинска атракција за љубителите на чистиот воздух, планината и за сите што сакаат да уживаат во прошетката и возење велосипед.

Со сигурност, Покрсти ќе биде новото туристичко место во Скопје кое ќе привлекува голем број на посетители, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.