– Официјалните податоци од извршените летови од страна на италијанската Гуарда ди финанца покажуваат значително зголемување на површините опфатени со марихуана. Податоците на албанската и италијанската полиција потврдуваат дека повеќе од 37 хектари биле засадени со мархуана, што е најголема површина по 2016 година, додава истиот извор.

Италијански авион и хеликоптер на Гуарда ди финанца извршиле 70 мисии со 182 часа прелети, благодарение на кои биле откриени над 1.100 плантажи, каде се уништени над 92 илјади корени канабис, од 58 илјади пред една година.

Ако се земат предвид податоците и на албанската полиција, која, пак, ангажирала дронови и хеликоптер на Министерството за одбрана, годинава вкупно се уништени 164 илјади стебла марихуана наспроти 137 илјади откриени лани.

Италијанските претставници објаснуваат дека одгледувањето на канабис сатива се префрлило од јужните кон централните и северните области на земјата. Според нив во текот на оваа година не е регистриран ниту еден случај на шверц на марихуана кон Италија, но има откриени случаи во други соседни земји, наведува Гласот на Америка.

По информациите дека е „обновена старата рута за шверц на дрога со гумени чамци од Албанија во Турција“ и веста за запленети 1,5 тони марихуана (сканк) вчера реагираше и шефот на албанската држава Илир Мета, според кого оваа вознемирувачка вест е показател дека марихуана сè уште се произведува со висока стапка во земјата.

Изразувајќи загриженост, тој меѓу другото во објава на Фејсбук напиша дека ваквите случаи „претставуваат црни рекорди за државата“ и ги повика Владата, органите на редот и безбедносните институции во земјава, да ја покажат потребната политичка волја, како и да ги зајакнат професионалните капацитети и соработката на терен, за да се спречат ваквите случаи.