Мерките стапуваат во сила речиси веднаш
Само неколку часа по одлуката на Врховниот суд со која беше поништена дел од претходната царинска политика, американскиот претседател Доналд Трамп објави нов пакет мерки. Тој соопшти дека потпишал указ со кој се воведуваат глобални царини од 10 проценти за сите земји, а примената, како што наведе, ќе започне речиси веднаш.
Претседателот ја оцени судската одлука како „погрешна“ и остро ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на дел од мерките воведени минатата година. Според него, администрацијата нема да се откаже од користење на царините како инструмент на економската политика.
Повик на член 122 и дополнителни механизми
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп појасни дека новите царини ќе бидат донесени врз основа на член 122, кој овозможува привремено воведување дополнителни давачки на увоз во услови на сериозни нерамнотежи во платниот биланс. Тој нагласи дека пресудата на Врховниот суд се однесува само на конкретната правна рамка што била користена претходно, а не на самата можност за воведување царини.
Трамп најави и отворање нови истраги и активирање други законски механизми со цел, како што рече, заштита на американската економија од нефер трговски практики. Администрацијата, додаде тој, ќе продолжи да бара начини за зголемување на приходите од царини и зајакнување на домашното производство.
