Над 18.000 одбиени барања поради надмината квота
Околу 18.000 работници од земјите од Западен Балкан биле одбиени во Германија во декември 2025 година, откако била надмината годишната квота за дозволи на пазарот на трудот. Побарувачката значително ја надминува понудата, и покрај тоа што во средината на 2024 година квотата беше зголемена на 50.000 дозволи.
Работниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија аплицираат согласно Регулативата за Западен Балкан, која е во сила од 2016 година и им овозможува пристап до германскиот пазар на труд.
Двојно зголемена миграција од 2020 година
Миграцијата на работна сила во Германија е повеќе од двојно зголемена од 2020 година. Според податоците на германската Агенција за вработување, во јуни 2025 година 420.000 работници со обврска за плаќање социјални придонеси имале престој врз основа на вработување, додека во 2020 година таа бројка изнесувала нешто повеќе од 200.000.
Околу половина од нив пристигнале со сина карта на Европската унија. Во моментов, над 164.000 работници од земји надвор од ЕУ поседуваат сина карта, што претставува раст од 114 проценти во однос на 2020 година. Законот за квалификувана имиграција стапи на сила на 1 март 2020 година, а во 2023 година беа намалени и барањата за минимален приход за добивање сина карта, објави Феникс.
Зголемен интерес и консултации
Зголемениот интерес за работа во Германија се одразува и преку порастот на дигитални консултации што ги нуди Агенцијата за вработување. До крајот на 2025 година биле реализирани 360.000 вакви консултации со лица од странство.
Покрај општите информации, институцијата обезбедува и советување за признавање на квалификациите уште пред влезот во земјата. Само во 2025 година биле спроведени 23.600 консултации поврзани со професионално признавање.
