Голем пожар на североистокот на Шпанија излезе од контрола, поради што денеска се евакуирани осум населени места и 1.500 жители во провинцијата Сарагоса, соопштија пожарникарите.

Официјалните лица објавија дека ситуацијата е критична во градот Анон де Монкајо и дека приоритет на 300-те пожарникари кои го гаснат пожарот е заштита на човечки животи и населени места.

Шумскиот пожар, што избувна вчера, за помалку од 24 часа се прошири на повеќе од 50 километри.

Пожарникарите најавија дека изгледите за гаснење на пожарот зависат од временските услови, но и дека се очекуваат удари на ветер од 60 километри на час.