Околу 15 семејства беа евакуирани денеска во јужниот албански регион Малакастер поради голем пожар кој се закануваше да стигне до населени места. Од загрозеното подрачје биле евакуирани и добитокот и домашните миленици, додека пожарникарите продолжиле со интервенцијата на терен.

Албанија распореди копнени и воздушни сили за да спречи огнената стихија да се приближи до куќите во селото Рибан, соопштија службите за итни случаи. Во исто време, продолжуваат напорите за локализирање на уште еден пожар во планинска област јужно од Ѓирокастра. Според првичните информации, тој најверојатно бил предизвикан од удар на гром.

Пожарите во Албанија се дел од пошироката состојба со која во текот на летото се соочуваат повеќе земји во Јужна и Источна Европа. Континентот, кој според научните податоци се затоплува побрзо од другите делови на светот, ова лето бележи рекордно високи температури и разорни шумски пожари, особено во Франција и Шпанија.

Во меѓувреме, центарот на топлотниот бран се поместува кон источните делови на Европа. Италија издаде црвени предупредувања за повеќето поголеми градови, а во одредени подрачја температурите се очекува да достигнат околу 40 степени Целзиусови.

Сериозна е состојбата и во соседна Грција, каде што пожар во близина на популарно туристичко место северозападно од Атина оштети куќи, предизвика итни евакуации и уништи илјадници хектари земјоделско земјиште. Според првичните сомнежи, пожарот можеби бил предизвикан од искра од електрични водови.

Пожарот денеска во најголем дел е ставен под контрола. Сепак, стотици пожарникари и натаму се на терен, со поддршка од шест хеликоптери, за да спречат повторно разгорување на огнените жаришта.